1МФЛ: Шкендија полни мрежи, Академија Пандев и Шкупи стануваат сериозни!

Се одиграа петте средби од шестото коло во Првата македонска фудбалска (1МФЛ).

Бранителот на титулата Вардар им се врати на победите, откако поради несогласувањата околу Националната Арена „Филип Втори“, мечот против Ренова се одигра на стадионот „Борис Трајковски“ во населбата Маџари.

„Црвено-црните“ триумфираа со 2:1 против Ренова, на полувремето беше нерешено, откако Вардар имаше водство со голот на Барсегјан, а пред крајот на првиот дел Ренова израмни со единствената шанса на мечот преку Рамадани.

Конечниот епилог се случи во 82. минута од средбата, еде прекрасен гол на Бразилецот Фелипе од 25. метри, ја упати топката во горниот лев агол од голот на „гипсарите“.

Шкендија останува непоразената единствена екипа во првенството, откако и во оваа рунда беше убедлива на Градскиот стадион во Тетово го декласираше Силекс со 5:0. Ова е веќе четврти пораз во низа за кратовскиот клуб, а тетовци ги обезбедија новите три бода со хет-трикот на Емини, и по еден гол на Хасани и Ибраими.

Шкупи станува сериозен во шампионатот, дојде и до третиот триумф по ред, на стадионот „Чаир“ со 1:0 го совлада Скопје, стрелец на голот беше Стојкоски во 25. минута од мечот.

Исто така и Академија Пандев е досега изненадување во првенството и ја зголемува конкуренцијата за највисок пласман. Најпрвин Пелистер на стадионот „Младост“ остана без еден играч на теренот поради црвениот картон на Фереира Кардозо.

Тоа веднаш го искористија домаќините со погодоците на Балдовалиев кој беше прецизен од пенал, а триумфот го потврди американскиот интернационалец Боувен.

И на последниот дуел каде што имаше и најмногу голови, Работнички на Игралиштето „Могила“ славеше со 2:4, иако после првото полувреме имаше негатива од 2:0 на дуелот со Победа.

Прилепскиот тим имаше предност благодарение на Гешоски во четвртата и Најдовски во 30. минута, а во вториот дел „романтичарите“ кои го остварија само првиот триумф сезонава направија целосен пресврт.

Најпрвин Маркоски намали, израмни Сахити, па по втор во листата на стрелците се запиша Маркоски во 83. минута, а еден погодок беше дело на Нигериецот Џефри Чинеду (90+1).

1МФЛ, 6. коло (резултати):

Академија Пандев-Пелистер 2:0
Победа-Работнички 2:4
Шкендија-Силекс 5:0
Шкупи-Скопје 1:0
Вардар-Ренова 2:1

Табела:

1.Шкендија 16 бодови
2.Академија Пандев 11
3.Вардар 10
4.Шкупи 10
5.Пелистер 8
6.Силекс 6
7.Работнички 5
8.Ренова 5
9.Победа 5
10.Скопје 3

Наредно, 7. коло, двојки:

(23.септември, 15:30 ч.)
Ренова-Шкупи

(24. септември, 15:30 ч.)
Работнички-Академија Пандев
Силекс-Победа
Скопје-Шкендија
Пелистер-Вардар

Фото: kfshkendija.com

Leave a Reply