1МФЛ: Шкендија чекори кон шампионската титула, Ренова подобра од Пелистер

Работнички забележа пораз (0-2) од лидерот Шкендија на арената „Филип Втори“, во рамките на 23. коло од Првата фудбалска лига.

Изаир Емини во 45. минута и Бесарт Ибраими од пенал во 52. минута беа стрелци на головите за Шкендија, а „романтичарите“ речиси цело второ полувреме настапија со играч помалку поради исклучувањето на капитенот Душко Трајчевски.

Во првиот дел, Работнички добро парираше, но едно невнимание во одбраната во последните мигови донесе предност за гостите. Алими успеа да врати една топка крај Красниќи во 45.минута, а на вистинското место во шеснаесетникот се најде Изар Емини и со силен удар го совлада Божиновски.

Во вториот дел, многу брзо Шкендија ја удвои предноста. Душко Трајчевски го собори Емини во шесанаесетникот, а судијата Мечкаровски го исклучи покажувајќи му црвен картон, и покажа на белата точка. Бесарт Ибраими беше реализатор на најстрогата казна.

РАБОТНИЧКИ – ШКЕНДИЈА 0-2 (0-1)

Арена „Филип Втори“ во Скопје. Гледачи: 500. Судија: Димитар Мечкаровски. Стрелци: Емини 45’, Ибраими 52’ пен. (Шкендија). Ж. картони: Маркоски (Работнички), Алими, Цуцули (Шкендија). Црвен картон: Трајчевски (Работнички).

РАБОТНИЧКИ: Божиновски, Рашо, Садики, Красниќи, Херера, Трајчевски, Стјепановиќ, Маркоски (59’ Дурански), Серџо јуниор (68’ Гофри), Ангелов, Кировски (46’ Петковски).

ШКЕНДИЈА: Захов, Адили, Бејтулаи, Муслиу, Цуцули (69’ Теќја), Алими (72’ Бојку), Тотре, Жуниор, Радески, Емини, Ибраими (79’ Шефити).

На вториот дуел од саботната програма Ренова дома беше подобра од Пелистер со 1:0, стрелец на голот за „гипсарите“ е Нафиу во 57. минута од средбата.

На табелата Шкендија води со 59 бодови, пред Вардар со 42, Работнички е четвртопласиран со 28, три повеќе од седмопласираната Ренова, веднаш пред Пелистер (21).

Фото: fkrabotnicki.com