Венгер го престигна Ферги…и тоа денеска баш на неговиот роденден! (ФОТО)

Од денеска (недела), 31. декември 2017 год. Арсен Венгер е нов рекордер во Премиерлигата.

Денешниот натпревар против Вест Бромвич е вкупно 811. за Французинот во најсилното англиско фудбалско првенство, за нов тренерски рекорд.

На тој начин го надмина легендарниот Сер Алекс Фергусон, кој вкупно 810 пати од клупата го водеше Манчестер Јунајтед во една од најквалитетните лиги на светот.

Занимливо е тоа што Фергусон денеска на последниот ден од годината го слави својот 76. роденден. Симболиката да биде уште поголема, последниот меч на Ферги во кариерата го имаше токму на стадионот на ВБА, каде што Венгер ќе стане рекордер.

Беше тоа 2013. година во еден легендарен дуел кој што заврши со конечен резултат 5:5, а трикратен стрелец за ВБА беше сегашниот играч на „црвените ѓаволи“, Ромелу Лукаку.