УЕФА немилосрдна: 10 години суспензија за Скендербеу поради местење натпревари!

Тимот на Корча најави жалба до Меѓународниот арбитражен суд во спортот…

Дисциплинската комисија на УЕФА го казни албанскиот фудбалски клуб Скендербег со десетгодишна суспензија и еден милион евра парична казна за местење натпревари во европските клупски натпреварувања, пренесуваат албанските медиуми.

Одлуката за казната ја потпишал претседателот на Дисциплинската комисија на УЕФА, Австриецот Томас Партл.

Европските фудбалски лидери ја донесоа оваа одлука по широко распространетата истрага која покажа дека првите луѓе на Скендербеу манипулирале со резултатите следејќи го „нелогичниот и ирационален” проток на пари на неколку обложувачки сајтови.

УЕФА открила дека лицата поврзани со албанскиот клуб, со директна помош на луѓето од самиот клуб, манипулирале со резултатите за да добијат финансиска добивка.

Првиот натпревар е оној против Крусејдерс од Северна Ирска, каде што УЕФА „не гледа никаква причина освен императив на обложувалниците, поради што тимовите инсистирале со сите сили да постигнат најмалку четири гола”.

Вториот натпревар е од истиот квалификациски циклус, а е одигран на 25 август 2015 година против Динамо Загреб.

Останатите две натпревари, кои ги следат истите модели на синхронизирано однесување на обложувалниците и фудбалерите, со португалскиот тим Спортинг и руската екипа на Локомотив Москва во Лига Европа.