Официјално: Иниеста на крајот од сезоната ќе ја напушти Барселона! (ВИДЕО)

Фудбалерот на Барселона, Андрес Иниеста објави денеска дека на крајот од сезоната, после 22. години, и официјално ќе го напушти клубот.

После низа шпекулации кои се вртеа низ медиумите, на денешната прес-конференција кој Иниеста сам ја организираше во солзи потврди дека ова лето ќе се раздели со каталонскиот гигант.

Ова е мојата последна сезона на „Камп Ноу“. Многу долго размислував околу ваквата одлука. За мене, Барса е најдобар клуб на светот кој што ми даде сè“, рече Иниеста.

33-годишниот фудбалер целата своја кариера ја помина во Барселона за која досега настапуваше на 669. натпревари и освои 31. трофеј, вклучувајќи го и минатонеделниот во Кралскиот куп.

Во дресот на шпанската репрезентација имаше 126. мечеви со која освои три големи натпреварувања и е подготвен да настапи уште еднаш за „црвената фурија“ овојпат на претстојното Светско првенство во Русија.

Да додадеме уште дека според информациите, можно е Иниеста својата клупска кариера да ја продолжи во Кина или американската МЛС лига.