ФИФА започна истрага поради расизам на дуелот Русија-Франција

На пријателскиот натпревар во Ст. Петерсбург, репрезентацијата на Франција го совлада домаќинот на следното СП, Русија, со резултат 1:3.

После овој меч организаторите на претстојниот Мундијал се најдоа во проблеми, бидејќи Светската фудбалска федерација најави истрага поради однесувањето на гледачите на трибините кои расистички навредуваа играчи на француската репрезентација.

Од гледачите во текот на овој натпревар се слушаа мајмунски звуци, а според информациите тие биле насочени кон Пол Погба, Усман Дембеле и останатите црномурести француски репрезентатативци.

До завршувањето на истрагата, ФИФА нема да дава коментари, а од друга страна ова дефинитивно не е добра најава во пресрет на СП во Русија кое што ќе се игра во јуни и јули годинава.

Не смее да има место за расизам на фудбалските терени. Со заеднички сили на меѓународно ниво мораме да го искорениме таквото неприфатливо однесување“, рече француската министерка за спорт Лаура Флесел која побарала потемелна истрага.