Запрена серијата во Лондон, но Сити барем „математички“ си обезбеди опстанок во Премиерлигата!

Денеска на последниот ден од 2017. година во 21. коло без голови ремизираа (0:0) екипите на Кристал Палас и Манчестер Сити.

Домаќинот можеше во самиот финиш и да дојде до триумфот, но во 92. минута од пенал не беше прецизен српскиот интернационалец Миливојевиќ чиј удар го запре Едерсон.

За прв пат сезонава избраниците на шпанскиот менаџер Пеп Гвардиола не успеаја да постигнат погодок, запрени од оние на Рој Хоџсон.

На тој начин воедно беше прекината серијата на „граѓаните“ од 18. победи во низа, но и покрај тоа цврсто го држат врвот на табелата.

Го имаат првото место со 59 бодови (14 повеќе од второпласираниот Челзи), а со денешниот бод и „математички“ Сити ако ништо други си обезбеди опстанок, но секако тоа сега не е во мислите на Гвардиола, туку се насочени кон освојување на нова шампионска титула.

Тоа што е лоша вест за Шпанецот е што незгодни повреди добија двајца клучни играчи, Габриел Жезус и Кевин Де Брујн.