Важни бодови од Бугарија: Блокотехна подобра во балканското дерби од Академик!

Денеска во својот петти натпревар од Балканската (БИБЛ) лигата четврти триумф за македонскиот кошаркарски клуб оваа сезона.

На гостински терен екипата на Блокотехна од Гевгелија триумфираше во дербито на гостински терен против Академик Бултекс од Бугарија со резултат 82:86 (19:26, 26:11, 16:25, 21:24).

Ова беше важен триумф за нашиот претставник во одржувањето на врвот во генералниот пласман. Во дуел полн со пресврти, во самиот финиш домаќините израмнија преку Нгуирен, потоа фаулиран беше Младеновиќ на 11.8 секунди до крајот и реализираше две слободни фрлања.

Смит промаши за Бугарите во следниот напад, а конечниот епилог го постави Бенџамин со постигнување на нови слободни фрлања.

Во победничките редови најдобар стрелец беше Двејн Бенџамин со 31 поен (седум скокови), следен од Данило Мијатовиќ со 22 поени, а по 12 имаа Марјан Младеновиќ и Антон Казарновски.

На спротивната страна Адријан Секулов се истакна со 22 поени, потоа Шакир Смит забележа 19 поени и пет асистенции, а Мартин Дурчев 12 поени.

На табелата води Блокотехна со девет бодови, еден повеќе од Академик Бултекс и албанскиот тим на Тирана.