Убедлив триумф над Блокотехна за предност на МЗТ во полуфиналниот плеј-оф

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром го остварија тоа што го посакуваа, ја совладаа Блокотехна (87-73) во вечерашниот меч од 7. коло од Суперлигата и тоа со посакуваната разлика која им гарантира подобар пласман во однос на противникот при евентуално ист број бодови на крајот.

Триумфот е исклучително значаен за „металците“, бидејќи им значи предност на домашен терен во полуфиналето од плејофот против составот од Гевгелија, нормално ако сѐ биде како што треба во последните три кола.

Двете екипи сега се израмнети со скор од 21-8, но избраниците на тренерот Кочов имаат за нијанса полесен распоред до крајот со две средби дома за разлика од гевгеличани кои двапати гостуваат.

Играчите на МЗТ помалку збунето влегоа во средбата што резултира со негатива од дури 19 поени (7-26), но во вториот период вративме уште пожестоко со 27-6 за прво водство на средбата (36-33).

Зонската одбрана која во тие моменти ја постави стручниот штаб се покажа како добитно решение, кое на крајот им го донесе тоа што го посакуваа. Блокотехна и во третата четвртина блесна и поведе со плус девет (58-48), но „сино-белите“ пак се налутија и вратија со 18-3 како вовед во рапсодијата во последниот дел од играта кој го добивме со 26-12.

Стефан Синовец беше најзаслужниот за триумфот на шесткратниот шампион со 22 поени и седум скока, Џордон Крафорд постигна 19 поени додека Бојан Трајковски застана на 11 поени.

На спротивната страна за гевгелискиот клуб 26 поени (осум скокови, четири асисенции) запиша Двејн, следен од Мијатовиќ со 16 поени и Казарновски со 10 поени (девет скокови).

На табелата води Работнички со 57 бодови, на делба на второто место по 50 се наоѓаат Блокотехна и МЗТ, следуваат Куманово (48), Гостивар (44) и АВ Охрид (40).

Во следното осмо коло се закажани следните средби: Работнички-Куманово, Гостивар-МЗТ Скопје Аеродром и Блокотехна-АВ Охрид.

Фото: mztskopjeaerodrom.mk