Трајковски и Симоновски за убедлива победа над Пелистер

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром дојдоа до осмата победа на домашна сцена, откако вечерва, во салата „Јане Сандански“, лесно и убедливо го совладаа тимот на Пелистер (84-54) во заостанатиот меч од 11. коло од Првата лига.

Со овој триумф, „металците“ се искачија на третата позиција на табелата со учинок 8-3, зад Работнички и Блокотехна. Битолскиот клуб после деветтиот пораз е на претпоследното 11. место со 13 бодови, еден повеќе од последната Струмица.

Одличниот шут и постигнатите 13 тројки го донесоа убедливиот триумф, а за истакнување е и атрактивниот „цепелин“  кој го реализираа Игор Пенов и Јордан Минчев.

Бојан Трајковски со 23 поени и четири од четири за тројка беше најдобар кај составот од Аеродром, а двоцифрен поентерски ефект имаше и Марко Симоновски со 18 поени (4/9 за тројка). Ѓорѓе Мајсторовиќ и Доминик Мавра постигнаа по осум поени.

На спротивната страна за КК Пелистер најрасположен беше Луис си 19 поени кој додаде воедно пет скокови, четири асистенции и шест украдени топки.