Тодоров не е повеќе тренер на МЗТ Скопје Аеродром

Александар Тодоров повеќе не е прв тренер на екипата на МЗТ Скопје Аеродром, откако управата на клубот вечерва ја прифати неговата оставка поднесена од морални причини по синоќешниот пораз на домашен терен од Работнички.

Клупските челници со досегашниот стратег имаа долг разговор во обид да се најде вистински начин за излез од кризата, по кој на Тодоров, откако цврсто остана на својата одлука, му заблагодарија на сѐ што стори за „металците“ во периодот кој е зад нас.

Станува збор за тренер чие име засекогаш со златни букви ќе остане запишано во клупската историја како прв кој ја донел шампионската титула во „Јане Сандански“, кој изминативе години во повеќе наврати даде сѐ од себе во полза на МЗТ Скопје Аеродром.

Покрај работата на теренот, тој летово имаше важна улога и во обезбедувањето на значаен дел финансиски средства неопходни за нормална работа на клубот по турбуленциите кои се случија во изминатиот период. Нешто што исто така никогаш нема да биде заборавено.

Напуштањето на тренерската позиција, сепак, не мора да значи и целосно заминување на Тодоров од македонскиот шампион, со оглед што тој доби отворена понуда да продолжи да работи на позиција која дополнително би била договорена.

Досегашниот стратег побара време за размислување за да реши што ќе биде следен чекор во неговата кариера.

Управата на клубот веќе напорно работи околу пронаоѓањето на неговиот наследник, со оглед на цајтнотот во кој се најдоа „металците“ поради исклучително важниот меч кој ги очекува в недела дома против црногорскиот клуб на Морнар во АБА регионалнатал лига.

Разговорите со потенцијални кандидати за наследник на Тодоров веќе се прават и многу брзо официјално ќе биде објавено името на новиот тренер на МЗТ Скопје Аеродром.