Тодоров: Би сакал да ги видам „Фемили Аеродром“ на трибините!

Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром се подготвува за новата сезона…

Своите очекувања ги споделија тренерот на „металците“, кошаркарот Бојан Трајковски и извршниот директор Видоја Секуловски.

Имавме седум пријателски натпревари, сите меѓународни, од кои шест на гостински, а само една на домашен терен. Учествувавме на многу квалитетен турнир во Турција, одигравме средба со шампионот на Бугарија, како и средба со Арис. Сосема доволна бројка на пријателски мечеви. Можеби ќе ни дојдеше добро уште еден до два меча дома против македонски екипи, но тие не сакаа да играат пријателски натпревари со МЗТ. За мене предизвикот ќе биде поголем затоа што нема да ги имаме истите услови во минатото. Но, не секогаш буџетот има пресудно влијание на резулатите.

Наша идеја како стручен штаб, со четири странци во ростерот е да направиме резултат во АБА подобар од минатите години. Би сакал да го видиме МЗТ на следниот Суперкуп во Бар, што значи дека целиме на пласман меѓу најдобрите осум. Би сакал да ги видам ‘Фемили Аеродром’ на трибините, особено задутре против Партизан. Секогаш е многу поубаво да ги слушнеш сопствените фанови како те бодрат отколку во своја сала да слушаш гостински навивачки песни, затоа и јас лично ги повикувам Фемили да дојдат и да ни дадат поддршка“, изјави тренерот Александар Тодоров.

Слични се размислувањата на новата аквизиција, Бојан Трајковски, кој исто така верува во освојување на двојната круна со помош на навивачите на трибините.

Се надевам дека навивачите ќе се вратат и конечно салата „Јане Сандански“ ќе заличи како што треба. Ние ќе даваме максимум, ќе играме со срце и се надевам дека со победи ќе успееме да ја вратиме и публиката на трибините. Потребна ни е поддршка, за да се кренеме на повисоко ниво на сите натпревари кои нѐ очекуваат.

Во домашното првенство атакуваме на двојна круна, тоа воопшто не е тајна одека во АБА-лигата сакаме подобар пласман од минатата година. Сите екипи се засилија, имаат добар ростер на играчи и ќе биде навистина тешко. Скратен е буџетот на МЗТ, има многу повеќе домашни играчи и ќе биде тешко, но ќе се бориме“, изјави Трајковски.

На прес-конференцијата беше и извршниот директор на МЗТ Скопје, Видоја Секуловски.

Иако со намален буџет во однос на изминатите години, МЗТ Скопје има исти цели. Сакаме да ангажираме домашни играчи, успеавме да донесеме некои кои изразија желба да се вклучат во работата на клубот.

Амбициите на клубот се што поуспешен настап во АБА-лигата која тргнува в петок против Партизан, како и во домашното првенство каде ја сакаме „двојната круна“. Одигравме доста меѓународни натпревари, жалам што не успеавме да договориме меч со домашна екипа“, изјави Секуловски.

Отворањето на сезоната на шампионот е задутре (петок) кога во „Јане Сандански“ ќе гостува најтрофејниот во АБА-лигата, белградски Партизан (20 часот).