Суперлига: Тројките на Куманово „кобни“ за шампионот МЗТ Скопје Аеродром!

Фантастичниот шут за три поени на Куманово, особено во последната четвртина, е главната причина за поразот на актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром на вечерашното гостување (101:95) во последниот натпревар од 6. коло во македонската кошаркарска Суперлига.

Кумановци постигнаа 16 тројки од кои шест во последната четвртина, а дури пет во низа во последните пет минути од средбата што беше фактор кој „сино-белите“ не можеа да го надминат и покрај големата желба за победа.

Аеродромци во финишот дојдоа и до минус еден (95-96), а имаа и шут за продолжение, но Стефан Синовец за жал не успеа да ја круниса добрата игра со тројка за дополнителни пет минути. Следуваше пенал-завршница во кој кумановци не дозволија изненадување.

Синовец со 23 поени и девет скока беше најефикасен кај МЗТ Скопје Аеродром, Јуре Лалиќ постигна 16, додека во победничките редови доминираа Стајиќ со 22 поени (10 асистенции) и капитенот Јанески со 20 поен9 (девет скокови, пет асистенции).

На табелата води Работнички со 55 бодови, пред Блокотехна (49), МЗТ Скопје Аеродром (48), Куманово (46), Гостивар (43) и АВ Охрид (39).

7. коло, двојки: Гостивар-Работнички, МЗТ Скопје Аеродром-Блокотехна, АВ Охрид-Куманово.