Супер лига: МЗТ Скопје Аеродром лесно до победа против Гостивар!

Лесно и убедливо, без никакви проблеми, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром го совладаа Гостивар (95:74) во мечот од 3. коло од Суперлигата и му се реваншираа за поразот во претходната меѓусебна пресметка.

Шампионот доминираше во текот на целиот меч, а клучната предност ја обезбеди во третиот период кој го доби со двоцифрена разлика (32:20).

Шутот од далечина беше најсилното „оружје“ на „штрковите“, со оглед што постигнаа 13 тројки со нешто под 50-отстотна прецизност.

Избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов ја погодуваа секоја втора „двојка“, а беа максимално надмоќни и во играта под кошевите со 13 скокови повеќе (43-30).

Џордон Крафорд со 24 поени беше најпрецизен кај МЗТ Скопје Аеродром, а одлично одигра и последното засилување за шампионот, Андрија Бојиќ, кој средбата ја заврши со дабл-дабл ефект од 16 поени и 11 скокови. На спротивната страна Таварион постигна 16 поени (пет скокови), следен од Магдевски со 12 поени (шест асистенции, четири украдени топки).

На останатите два натпревари од рундата: АВ Охрид-Блокотехна 80:105 и Куманово-Работнички 83:82. Табела: Работнички 49 бодови, Блокотехна 44, МЗТ Скопје Аеродром 44…

Фото: mztskopjeaerodrom.mk