Рамноправни први 20 минути, на крајот Куманово поразен од Левски во БИБЛ лигата

Македонскиот кошаркарски клуб претрпе пораз на стартот од новата сезона во Балканската лига.

Во Бугарија составот на Куманово загуби од тимот на Левски со конечен резултат 85:78 (27:25, 18:19, 21:16, 19:18).

Куманово беше рамноправен во текот на првото полувреме, двете екипи се менуваа во водство, а при негатива од 50:47, Левски направи серија од 7:2, по што таа разлика меѓу 5-8 поени предноста за домаќините стана константна.

Се доближи Куманово на само минус еден во последната четвртина после тројката на Караџовски (68:67), но повторно се одлепи домаќинот со нови низа погодоци (8:2) за 76:69 на нешто помалку од три и пол минути игра.

Се обидуваше Куманово повторно да се врати резултатски, на 37. секунди до крајот на средбата беше 83:78 после тројката на Рем.

Јанески направи брз прекршок, прецизен од слободните фрлања беше Веселинов за 85:78, следуваше потоа лошо водење на Рем, по што беа загубени и теоретските шанси и на крајот Бугарите славеа со седум кошеви разлика (85:78).

За Левски доминираа Веселинов со 23 поени (девет скока) и Маравиќ со 18 поени (седум скока), а во нашите редови 17 поени и 7 скока беа дело на српскиот крилен центар Миљковиќ, потоа 16 поени запиша Караџовски, а 15 поени капитенот Јанески.

Да потсетиме вчера нашиот втор претставник Блокотехна дебитираше во БИБЛ со висок триумф дома над албанската екипа на Тирана со 100:68, а црногорскиот Ибар Розаје пред своите гледачи загуби од бугарскиот Академик Бултекс со 83:94.

Во рамките од второтк оло на 17. октомври Куманово го пречекува Ибар Розаје, а наредниот ден Блокотехна е домаќин на косовскиот Башкими.