Прва лига: Симоновски блескаше во четвртата победа на МЗТ против Гостивар!

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром го совладаа Гостивар (75-67) во последниот меч од 6. коло од Првата лига, кој се одигра во малата сала во спортскиот комплекс „Јане Сандански“.

„Сино-белите“ нешто потешко од очекувањата ја оправдаа фаворитската улога и дојдоа до четвртата победа сезонава на домашна сцена, откако ја имаа контролата врз играта и резултатот во текот на сите 40 минути.

Тимот на Гостивар воопшто не беше наивен, постојано се обидуваше да дојде до шанса за изненадување, но избраниците на тренерот Александар Тодоров искусно ги одбија сите напади и ги забележаа планираните бодови.

Марко Симоновски го одигра најдобриот меч по враќањето на теренот, откако паузираше речиси шест месеци поради повреда на скочниот зглоб и беше најефикасен со 22 поени и седум скока. Бојан Трајковски, пак, имаше „дабл-дабл“ ефект со 13 поени и 11 скока.

Следен домашен противник на македонскиот шампион е Фени Индустри од Кавадарци во меч кој дополнително ќе биде закажан поради паузата за настапите на репрезентацијата во претквалификациите за ЕП 2021. В недела, пак, на домашен терен „штрковите“ ќе ги одмерат силите со црногорскиот Будуќност во средба од 9. коло од АБА-лигата.

После шест кола во домашното првенство води Работнички со 12 максимални бодови, по 11 имаат Блокотехна и Карпош Соколи, по 10 МЗТ Скопје Аеродром, Гостивар, Фени Индустри и АВ Охрид, Куманово е осмопласиран со осум, по седум следуваат Пелистер и Кожув, а последнопласирани на 11. и 12. позиција се Струмица и Шкупи со по шест бодови единствени во генералниот пласман без триумф.

Фото: mztskopjeaerodrom.mk