Прва лига: МЗТ Скопје Аеродром убедлив во пресметката со Куманово!

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром без Симоновски, Мајсторовиќ и Минчев го совладаа Куманово (87-74) во вечерашната пресметка на домашен терен во склоп на 16. коло од Првата лига, каде што дојдоа до скор 12-4.

Израмнетост во натпреварот имаше само во првата четвртина, а првата посериозна предност домаќинот ја обезбеди во финишот од вториот период, кога со серија 12-2 дојде до позитива од плус 13 поени (51-38).

Во сличен стил настапи во продолжението, а речиси на идентичен начин, пред крајот на третите десет минути, со серија 15-2 стекна и највисока предност од 21 поен (76-55), што беше доволно да се осигураат бодовите.

Американецот Џордон Крафорд беше најдобриот поединец во „сино-белите“ со учинок од 21 поен и девет асистенции, додека зад него беа Бојан Трајковски и Дамјан Стојановски со 16 односно 15 поени. Повеќе од солиден беше и Радослав Спасојевиќ со 12 поени.

На спротивната страна за кумановци Стајиќ беше прв стрелец со 18 поени, а по 15 имаа Мекиќ (пет загубени топки) и Ковач (пет скокови).

Македонскиот шампион веќе в сабота (10. февруари) тргнува кон Подгорица, каде што наредниот ден ќе ги одмери силите со црногорскиот Будуќност во меч од АБА-лигата.

На табелата во првенството води Работнички со максимални 32 бодови, по 28 имаат Блокотехна и МЗТ Скопје Аеродром, а четвртопласиран е Куманово (26).

Рундата ќе биде комплетирана со следните закажани дуели: Карпош Соколи-Кожув, АВ Охрид-Пелистер, Гостивар-Блокотехна, Струмица-Фени Индустри.

Фото: mztskopjeaerodrom.mk