Прва лига: Фени Индустри само го „налути“ МЗТ Скопје Аеродром!

Се комплетираше денеска седмото коло од Првата лига…

Составот на МЗТ Скопје Аеродром со 56:82 го совлада Фени Индустри за вкупно петти триумф (трет по ред) оваа сезона.

Кавадаречкиот клуб беше рамноправен во првата четвртина освојувајќи ја со 14:12, но во следните три делници доминираа „штрковите“ (11:22, 15:26, 16:22).

Кај скопскиот тим го немаше само најновото засилување, Дарко Соколов, кој немаше право на настап во овој меч со оглед што беше дел од составот на Карпош Соколи во меч од истата прволигашка рунда.

Кај домаќините блескаа капитенот Петровски со 19 поени (шест скокови, четири асистенции) и Милков со 12 поени (седум скокови).

За гостите 20 поени (шест скокови) забележа Лалиќ, пред Спасојевиќ со 16 поени (шест скокови) и Симоновски со 15 поени (четири скокови).

На табелата МЗТ Скопје е на третото место со 12 бодови, лидер е Работнички со 14 (единствен без пораз), а второпласирана е Блокотехна (13). Фени со третиот пораз во шампионатот е на седмото место со 11 бодови.