Продолжува негативната серија на Брчков и Тирана во БИБЛ лигата

Албанскиот клуб останува на две победи досега сезонава во Балканската лига…

Тирана денеска загуби убедливо и на гостувањето кај Рилски Спортист со 94:79 (52:37).

Ова е веќе седми пораз во низа Тирана во чии редови македонскиот интернационалец Владимир Брчков постигна девет поени за 32 минути игра (3/4 од поле, 1/3 за три поени), додаде еден скок, две асистенции, четири загубени и една украдена топка.

За бугарскиот претставник најефикасни беа Трејвис Тејлор со 17 поени (шест скокови, четири асистенции) и Дарин Иванов со 16 поени.

На табелата води Блокотехна со 21 бод, Рилски Спортист е на втората позиција (19), додека Тирана е на шестото место со 13.

За албанската кошаркарска екипа останува уште еден меч оваа сезона во регуларниот дел, на 13. март пред своите гледачи (18:30 ч.) ќе го пречека црногорскиот тим на Ибар Розаје, што ќе биде одлична можност на крајот барем да се прекине оваа долга негативна серија на резултати на Тирана.