Претквалификации ЕП: Денеска бесплатен влез на натпреварот Македонија-Словачка!

Македонската национална селекција во машка сениорска конкуренција вечерва со почеток во 20:15 ч. во спортскиот центар „Јане Сандански“ – Скопје ќе го одигра третиот натпревар во рамки на претквалификациите за Евробаскет 2021.

Првиот дел од овој циклус го завршивме со максимални две победи, против Словачка на гости и против Швајцарија на домашен терен, а вечерва избраниците на Јорданчо Давитков ќе одат на трета победа пред домашната публика.

На последниот натпревар, одигран на домашен терен против Швајцарија, сениорите без проблеми ја совладаа инфериорната Швајцарија со помош на публиката која безрезервно ги бодреше од трибините.

Полните трибини ги изненадија нашите кошаркари кои изгинаа на теренот и ја израдуваа публиката со победа. Нека вечерва натпреварот и атмосферата биде реприза на тој од ноември…

Најважно е да одиграме како што знаеме. Без опуштање и без калкулации. Самодовербата е на високо ниво од досегашниот скор во групата, а предноста да се игра на домашен терен е секогаш дополнителен мотив за актерите на паркетот.

Давитков знае како да ги инспирира момците, а тие му одговараат со акции одиграни до перфекција. Овој пат во стројот ги имаме искусните Бојан Трајковски и Александар Костоски кои минатиот пат мораа да отсуствуваат поради повреди.

Вратите во арената ќе бидат отворени за сите оние кои ќе сакаат да ги поддржат нашите кошаркари во мисијата ’3-0’.

За оние кои нема да можат да ги бодрат сениорите од трибините, обезбеден е пренос live stream линк на YouTube каналот на ФИБА.