Официјално: Петар Наумоски останува претседател на кошаркарската федерација!

Четиринаесет членки со право на глас од собранието гласаа против актуелното раководство.

Петар Наумоски останува на чело на Македонската кошаркарска федерација откако денеска во просториите на „Сквер 21“ повторно беше изгласана доверба на актуелниот претседател со вкупен број од 16 гласа „за“ од делегатите на собранието.

Пред сè јас би сакал да им изразам голема благодарност на сите поддржувачи. Во изминатиот период кажав дека желбата за промена не е на клубовите, туку на индивидуи кои ги собираа и лобираа клубовите да дојдеме до нешто што јас сметам дека воопшто не ни беше потребно. Пред само 12 месеци повторно гласавме доверба, доколку во тие 12 месеци имаше нешто драстично променето тогаш имаше очекувања да дојде до такво нешто.

Но, знаеме дека немаше такви турбуленции, немаше проблеми во лигата, исто и со репрезентациите. Медиумите погрешно ја гледаат работата на федерацијата односно работата на Претседателот. Со тоа влијанието на самото раководство се гледа погрешно. Влијание на федерацијата за успесите кај сениорите и младинците го нема. Не сме во никаква допирна точка тоа да го постигнеме. Правиме напори, но се доаѓа од клубовите. Тие ни даваат „готов производ“, а ние му даваме можност да се натпреварува со другите од Европа. Во изминатите две години ние повеќе се занимаваме со избори отколку со кошарка.

Со тоа се руши имиџот на самата федерација. Затоа беше предложена точка на дневниот ред, која се изгласа, за да раководството биде ослободено две години од вакви сценарија. Еве за самата поддршка во спортот морам да истакнам и да се заблагодарам за историскиот состанок со Премиерот, неколку министри и градоначалници кои потенцираа дека спортот мора да биде поддржуван од државата ако сакаме професионализам во спортот“, истакна Претседателот Петар Наумоски по завршување на собранието.