Ништо не се менува: МЗТ разочара дома и против босанската Игокеа!

Денеска во 15. коло од регионалното натпреварување, составот на МЗТ Скопје загуби пред своите гледачи со 68:77 (16:19, 17:17, 19:17, 16:24) од Игокеа.

Практично во последната четвртина избраниците на тренерот Лукајиќ кога најмалку беше потребно попушти концентрацијата, а тоа го искористија одличните шутери на босанскиот тим.

Кај домаќините доминираа Стојановски со 14 поени (четири асистенции), по 12 поени имаа Лалиќ (четири скокови), Трајковски (шест скокови) и Мавра (четири скокови, седум асистенции, четири загубени топки).

На спротивната страна 21 поен (по четири скокови и украдени топки) забележа Љубичиќ, следен од Милошевиќ (пет асистенции) и Радивојевиќ со по 11 поени.

За „штрковите“ остануваат уште седум натпревари до крајот на регуларниот дел од сезоната, последните надежи дека ќе успеат да обезбедат опстанок.

Во следното коло на 13. јануари во Хрватска ќе гостуваат „металците“ кај Цибона со почеток од 17:00 часот.

Фото: MZT Skopje Aerodrom/Dragan Mitreski