Не можеше сама Гивенс: Достоен отпор на македонските кошаркарки против Италија!

Македонската сениорска женска кошаркарска репрезентација со пораз ги стартуваше квалификациите за Европското првенство.

Вечерва во СЦ „Јане Сандански“ – Скопје, избраничките на тренерот Марјан Лазовски се покажаа во едно многу добро светло со силен отпор против репрезентацијата на Италија.

На крајот гостинките триумфираа со конечен резултат 52:61 (14:19, 11:14, 13:11, 14:17) во рамките од првото коло во групата Х.

Американката со македонски пасош, Гивенс беше најрасположена со 22 поени (шест скокови), следена од Митрашиновиќ со 14 поени (по четири скокови и асистенции).

На спротивната страна Чинили имаше 12 поени (шест скокови), 11 поени и пет асистенции беа дело на Сотана, а дабл-дабл учинок оствари Андре со 10 поени и 12 скокови.

Првопласираните од групите се пласираат на првенството, како и шестте најдобри второпласирани.