МЗТ Скопје Аеродром ја заврши најлошата сезона во АБА лигата! (ВИДЕО)

Ослабени поради неиграњето на повредениот Бојан Трајковски и непријавените во АБА, Џордон Крафорд и Алексеј Нешовиќ, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром загубија на гостувањето кај Морнар Бар во Црна Гора (75-106), во последниот меч сезонава во регионалното натпреварување.

Згора на тоа, на клупата го немаше и тренерот Жељко Лукајиќ поради семејни обврски, што донесе деби на младиот Ѓорѓи Кочов.

Играчите кои настапија во Бар дадоа сѐ од себе и се бореа колку што можеа, но на крајот го загубија здивот и влегоа во проблеми со личните грешки, што противникот го искористи драстично да ја зголеми крајната позитива.

„Сино-белите“ во третиот период намалија и на само минус осум (44-52), но немаа сили за нешто повеќе. Марко Симоновски со 27 поени (шест тројки) беше најпрецизен кај „металците“, а одличен натпревар одигра и Јуре Лалиќ со 22 поени (18 од нив во првото полувреме) и 11 скока. Двоцифрен поентерески ефект имаше и Дамјан Стојановски со 10 поени.

Со овој пораз, македонскиот кошаркарски шампион остана на три победи во АБА-лигата, завршувајќи ја најлошата сезона досега настапувајќи во регионалното натпреварување на последното 12. место.

Пласманите на МЗТ Скопје Аеродром во АБА лигата:

Сезона 2012/2013 – 7. место
Сезона 2013/2014 – 9. место
Сезона 2014/2015 – 13. место
Сезона 2015/2016 – 10. место
Сезона 2016/2017 – 13. место
Сезона 2017/2018 – 14. место

Сега силите ќе ги насочат кон одбрана на домашната титула, веќе утре (вторник, 13. март) нив ги очекува меч на домашен терен против Фени индустри од заостанатото 18. коло, додека следниот викенд ќе гостуваат во „Градски парк“ кај најголемиот ривал, Работнички.

Фото: mztskopjeaerodrom.mk