Мекиќ не е повеќе член на МЗТ Скопје Аеродром

Адем Мекиќ повеќе не е член на МЗТ Скопје Аеродром, откако попладнево потпиша договорен раскин на соработката со шесткратниот македонски шампион.

Ова доаѓа на барање на кошаркарот, со желба да замине во средина каде што би имал поголема минутажа.

Мекиќ настапи на четири средби во сино-белиот дрес во АБА-лигата сезонава, со просек од три поени за 17 минути кои ги минуваше на паркетот.

Нешто поголем му е уделот во средбите од домашниот шампионат, каде што просечно реализираше седум поени со 2,5 скока.

За македонскиот репрезентативец ова беше четврта сезона во дресот на МЗТ Скопје Аеродром. Управата и стручниот штаб на клубот му посакуваат сѐ најдобро во понатамошната кариера.