Куп титулата останува во витрините на ЖКК Вардар

Трофејот од Купот и оваа година останува во витрините на Вардар. Кошаркарките во црно-црвениот дрес, во реприза од минатогодишното куп-финале повторно ги совладаа противничките од Бадел 1862 и го освоија Купот на Република Македонија.

Избраничките на Срѓан Дамјановски беа мотивирани од самиот почеток, да им вратат на баделки за двата пораза во домашното првенство. Разликата во инспирацијата на актерките на теренот беше очигледна од самиот почеток земајќи го предвид фактот дека додека вардарки реализираа осум поени, на кошаркарките на Перо Стамески не им одеше реализацијата од рака.

Повика тренерот на Бадел 1862 тајмаут, ги построи своите кошаркарки кои започнаа да ги завршуваат акциите со реализација, но не беа доволно брзи и ефикасни за да ја намалат разликата која веќе стана двоцифрена. На почетокот на вториот дел од натпреврот актуелниот шампион во домашното првенство намали на само седум поени негатива, за да брзо потоа повторно започне да каска.

Вардарки одново ја зголемија позитивата со која си ја загарантираа победата уште пред да започне последниот период.

Во финишот, Вардар славеше со 50-72 (10-23, 16-13, 13-17, 11-19). За ЖКК Бадел по 11 поени Лазареска (шест скокови, четири украдени топки) и Димова (осум скокови), а кај ЖКК Вардар 20 поени (четири скокови, седум загубени топки) запиша Наков, следена од Муса со 16 поени (девет скокови, четири загубени топки).

Фото: mkf.mk