КК Работнички пред дербито со МЗТ: Нека победи кошарката, не сакаме салата „Градски парк“ да биде ставена под клуч!

На 15. април (недела) во рамките од четвртото коло во македонската кошаркарска Суперлига во салата „Градски парк“ ќе се одржи 140. дерби помеѓу Работнички и МЗТ Скопје Аеродром.

Од една страна неодамна беше прекината фантастичната серија на победи на Работнички од страна на Куманово, но и понатаму останува на врвот во генералниот пласман.

Од друга страна, „металците“ одлично тргнаа со својот нов тренер Ѓорѓи Кочов во низа од три победи во Суперлигата и сакаат победничката серија да продолжи и на гостувањето кај најголемиот градски ривал.

Минатиот месец овие две екипи играа меѓу себе, но истиот во текот на дуелот беше прекинат воглавно поради немилите настани кои што се случуваа околу трибините, многу лоша организација, фрлање тврди предмети кон клупите, записничката маса, официјалните лица, влегување на неслужбени лица на паркетот, слаба редарска служба. Се на се двете екипи беа парично казнети, Работнички со 135.000, а МЗТ Скопје Аеродром со 95.000 илјади денари.

Македонската кошаркарска федерација упати жалење поради ваквите настани и напомена дека доколку се случат истите вакви слични сцени во „Градски парк“, салата ќе биде прогласена за небезбедна и забранета за игра во понатамошниот дел од Плејофот оваа сезона.

По повод новиот дерби меч со свое соопштение се огласи кошаркарскиот клуб на Работнички:

Почитувани,

Во пресрет на 140-то градско дерби што ќе се одигра во недела, на 15.04.2018 година., со почеток од 19 часот, помеѓу нашиот најтрофеен клуб Работнички и МЗТ Скопје Аеродром, ја известуваме јавноста дека овој дуел е од исклучителна важност за нашиот тим, од повеќе причини.

Покрај тоа што е важна победата за да ја зацврстиме првата позиција во Супер лигата и да го зголемиме позитивниот скор (45:17) во меѓусебните дуели на наш терен, важна е и како дополнителен мотив во борбата за титула. Токму во походот кон 15-от трофеј, неопходна ќе ни биде поддршката на нашите навивачи, во нашиот спортски храм. За да не се случат немили настани и одигрување на мечот пред празни трибини, (како минатиот пат), со што салата во „Градски Парк“ може да биде ставена под клуч, апелираме до нашите навивачи, но и сите љубители на кошарката за фер и спортско навивање.

Нашите навивачи се нашиот шести играч и нивната поддршка е неопходна за да го донесеме шампионскиот пехар во нашата богата ризница на трофеи. Како клуб ќе ги преземеме сите неопходни мерки за да се создадат сите услови за одигрување на градското дерби и нема да дозволиме да се направи повторно инцидент со којшто ќе загубат Работнички, кошарката и спортот, воопшто. Ќе ги направиме сите напори, ќе го вложиме сиот труд и знаење, како и сета љубов кон нашата црвено-бела светост, за се` да помине во најдобар ред и да покажеме и докажеме дека нашите навивачи се најдобрата и најдостоинствена публика во светот.

Ги повикуваме нашите верни навивачи, сите вљубеници во кошарката, сите спортски срца кои ќе бидат в недела во салата „Градски Парк“ за фер, достоинствено и спортско навивање.

Уште една причина за да имаме полни трибини и убава спортска атмосфера на скопското дерби нека биде и кампањата што ја прави КК Работнички со цел да ја подигнеме свеста во јавноста, а по немилиот настан што му се случи на нашиот играч Маркус Гинјард, сите заедно да кажеме НЕ за Дискриминација, НЕ за Расизам во спортот.

Со надеж за голема посетеност во нашиот кошаркарски храм како што доликува на едно големо градско дерби, но и со фер навивање заеднички ќе придонесеме во недела да победи кошарката“.

Спортски поздрав,
КК Работнички АД Скопје

Фото: mztskopjeaerodrom.mk