Голем шок за МЗТ Скопје Аеродром: Тасовски е херојот на Гостивар!

Денеска се одигра заостанатиот натпревар од 17. коло во Првата македонска кошаркарска лига.

Бранителот на титулата МЗТ Скопје Аеродром загуби изненадувачки на гостувањето кај Гостивар со конечен резултат 67:64 (8:16, 15:22, 18:18, 26:8).

„Сино-белите“ три четвртини доминираа на теренот, а имаа и предност од 20 поени во третата четвртина (43-23), но во финишот им падна концентрацијата што домаќинот умешно го искористи за голем пресврт.

На една минута и шест секунди до крајот на мечот беше нерешено 62:62, потоа следуваше лична грешка на Симоновски, по што Тасовски беше сигурен во своите слободни фрлања.

Остануваа уште 22. секунди до крајот, во следниот напад на „штрковите“ фаул во напад направи Лалиќ, повторно на линијата за слободни фрлања застана Тасовски кој овојпат реализираше едно од двата обиди.

Одново Лалиќ во центарот на вниманието кој имаше лошо додавање, односно Тасовски ја украде топката, Симоновски принуден да направи прекршок.

Тасовски херојот на КК Гостивар беше двапати сигурен „пеналџија“ за 67:62, а поените на Крафорд за гостите беа само поставување на конечниот епилог.

Најефикасен во редовите на домаќините беше Тасовски со 23 поени, следен од Магдевски (по четири скокови и асистенции), Шегариќ (шест асистенции) и Димчевски (10 скокови) кои имаат по девет.

На спротивната страна за гостите Крафорд имаше 13 поени (седум асистенции, осум загубени топки) и Лалиќ со 12 поени (шест скокови, пет загубени топки).

На табелата после 17. кола МЗТ е на третото место со 29 бодови, додека Гостивар е петтопласиран со 28.