ФИБА ЛШ: Карпош Соколи со негатива патува во Естонија!

Кошаркарите на Карпош Соколи изгореа во желбата да победат во дебито во Лигата на шампионите (ЛШ) на ФИБА.

Поради тоа македонскиот клуб претрпе пораз во првиот меч од стартното квалификациско коло против естонскиот состав на Калев (79:87).

„Соколите“ пропуштија голема шанса да дојдат до убедлив триумф со оглед на водството од девет поени во неколку наврати во третиот период.

Но, во финишот попушти концентрацијата што резултира со грешки во одбраната и дури 29 примени поени во последната четвртина што на крајот скапо ги чинеше.

Тадеус Мекфејден со 23 поени беше најпрецизен кај тимот од Карпош, но со лош шут за тројка (1/8). Кире Николовски средбата ја заврши со 16 поени, а Ненад Делиќ реализира 14 поени. Мазеика и Јоесар со 19 односно 18 поени беа најдобри кај Калев.

Веднаш по овој дуел двете екипи со ист авион отпатуваа за Талин каде што в четврток ќе биде одигран реванш пресметката од оваа воведна квалификациска рунда.

Фото: kksokoli.mk

Leave a Reply