ФИБА Европа куп: Стојановски втор стрелец во поразот од унгарската Алба

Во петтото претпоследно коло од втората фаза на ФИБА Европа купот својот трет пораз сезонава го претрпе турскиот кошаркарски клуб.

Бјукчекмече загуби на домашен терен од Алба Фехервар со конечен резултат 75:78, иако беше нерешено после првото полувреме (43:43).

На денешниот дуел македонскиот интернационалец Војдан Стојановски беше втор стрелец со 13 поени (4/10 од поле, 1/3 за три поени, 2/2 од слободните фрлања), додаде по два скока и асистенции, како и по една украдена топка и блокада.

На табелата во групата Ј со овој четврти триумф унгарската екипа се пласираше во плеј-офот, а за второто место кое исто така води во следната фаза ќе се борат Корменд од Унгарија и Бујукчекмече.

Во последното шесто коло Турците ќе мора да одат на победа против „отпишаниот“ литвански тим Невежис, но воедно ќе бара „услуга“ од Алба да слави и во унгарската пресметка со Корменд.