ФИБА Европа куп: Стојановски и Бујукчекмече завршија први во групата, познати ривалите во втората фаза!

Во последното шесто коло на мечот во Косово, турската екипа славеше со 66:84 против Сигал Приштина за вкупно петти триумф оваа сезона.

Во новите освоени бодови придонесе македонскиот интернационалец Војдан Стојановски со шест поени за скоро 19. минути игра на паркетот (2/3 од поле, 0/1 за три поени, 2/2 од слободните фрлања), додаде една асистенција, имаше три украдени и една загубена топка.

Заврши групната фаза во групата Г од ФИБА Европа купот, екипата на Бујукчекмече го освои првото место со 11 бодови и заедно со белгискиот Монс се пласираа во втората фаза од натпреварувањето. Настапот во Европа го завршија Сигал Приштина и Химик од Украина на третата, односно четвртата позиција.

Веќе се познати ривалите на Бујукчекмече и Стојановски во втората фаза, односно тие се сместени во новоформираната група Ј каде што се наоѓаат уште литванскиот Невежис, и двете унгарски екипи Корменд и Алба Фехервар.

Првопласираните две екипи од четирите групи ќе обезбедат настап во осминафиналето каде што ќе им се придружат петтопласираните и шестопласираните од групната фаза на ФИБА Лигата на шампионите.

ПРОЧИТАЈТЕ ПОВЕЌЕ:

-МЛАДЕНОВСКИ И ИЛИРИЈА БЕЗ ЧЕТВРТФИНАЛЕ ВО КУПОТ НА СЛОВЕНИЈА-

Откако на првиот меч од осминафиналето триумфираше со 84:81, на реваншот Илирија беше убедливо поразена и елиминирана од Хелиос Домжале со 90:54.

На возвратниот дуел нашиот репрезентативен центар Љубомир Младеновски забележа четири поени. Да потсетиме, на првиот дуел имаше 16 поени и беше втор стрелец.