Дербито Работнички-МЗТ прекинато поради неспортското однесување на навивачките групи!

Натпреварот помеѓу Работнички и МЗТ Скопје Аеродром при резултат 62:50 за домаќините беше прекинат кон крајот на третиот период поради неспортското навивање на двете навивачки групи.

Атмосферата стана непријателска поради што официјалните лица на натпреварот, делегатот и комесарот за натпреварување по фрлените предмети на теренот, плукањето и влетувањето на теренот од страна на навивачите одлучија да го прекинат натпреварот и да го презакажат за в недела, (18. март) со почеток во 18:00 часот, но пред празни трибини, информираат од Македонската кошаркарска федерација (МКФ).

Жалиме што однесувањето на поединци влиjaе на целокупната атмосфера и на љубовта кон кошарката што ја имаа поголемиот дел од посетителите што дојдоа в сала ова саботно попладне.

Ќе бараме посебна одговорност од домаќинот и организатор на овој натпревар за недоволниот број редари и за организациските пропусти, но и сите заедно ќе мора поактивно во иднина да работиме на отстранувањето на хулиганството и на неспортското навивање од спортските терени.

Безбедноста на сите инволвирнаи страни (играчи, судии, публика, полиција) е на приоритетно ниво и жално е кога толеранцијата се смета за слабост и се злоупотребува.

Салата ќе биде на ревизија и дополнително ќе донесеме одлука дали ќе се продолжи да се игра кошарка во „Градски парк“, истакна Спортскиот директор на МКФ, Владимир Темелковски по последниот прекин.

Во останатите средби в сабота беа постигнати следните резултати: Блокотехна-Карпош Соколи 94:81, Кожув-Фени Индустри 97:93 (по продолженијата), Гостивар-Охрид 83:71, Пелистер-Куманово 83:82, Шкупи-Струмица 109:67.