Дебакл за крај во ФИБА Европа купот: Карпош Соколи со пораз од 61 разлика! (ВИДЕО)

Македонскиот кошаркарски клуб на неславен начин го заврши настапот оваа сезона во во ФИБА Европа купот.

Убедлив пораз и во последното шесто коло на Карпош Соколи на домашен терен во СЦ „Јане Сандански“ – Скопје со неверојатни 43:104 (8:24, 13:32, 11:27, 11:21) од унгарскиот клуб на Шомбатели.

Единствено „двоцифрен“ кај нашиот претставник беше Атанасов со 10 поени, следен од Најдовски со девет поени, но и шест загубени топки.

На спротивната страна 21 поен и 19 скокови забележа Дурази, по 14 поени имаа Перл (11 скокови, шест асистенции) и Пуставхар (осум скокови).

На конечната табела во групата Х рускиот Нижњи Новгород го освои првото место со 11 бодови и заедно со унгарскиот Шолнок Олај (10) се пласираа во втората фаза од европското натпреварување.

Трет заврши Шомбатели со девет бодови, а последни „соколите“ со шест.