Дебакл во Павиа, „само“ 33 поени за македонските кошаркарки против Италија!

Националната селекција во женска сениорска конкуренција запиша уште еден пораз во рамки на евроквалификациите.

Овој пат избраничите на Марјан Лазовски загубија од Италија на гостински терен во реванш мечот од квалификациите за Евробаскет2019.

Во финишот, Италија славеше со високи 33-93 оставајќи не на дното на табелата во групата Х без ниту една победа по четири одиграни натпревари.

А. Митрашиновиќ беше прв стрелец во македонската селекција со девет поени, седум скокови, но дури и 11 загубени топки.

На спротивната страна најефикасни беа Зандалиси со 21 поени (четири асистенции) и Сотана со 20 поени (шест асистенции, четири украдени топки).

Ова ни е втор пораз со превисока разлика за неколку дена. Оправдувања и изговори можеме да бараме насекаде, но тоа нема да го правиме. Едноставно не бевме сконцентрирани на играта, мислите ни беа насочени на сосема друга страна што може да се види од крајниот резултат.

Започнавме во грч, па очекувавме дека во вториот дел ќе се разбудиме и ќе заиграме како што знаеме, како што игравме минатиот пат, но тоа не се случи. Бевме пресекувани на половина терен и имавме проблеми со финиширање на акциите и реализација.

Сето ова е резултат на она неискуство поради недостатокот од постоење на овој тим. Ние три-четири години воопшто не бевме активни, а сега сакаме резултати преку ноќ. За 12 месеци ние имаме одиграно само седум натпревари со комплетно различен ростер на речиси секој од нив. На сето тоа кога ќе го додадеме и отсуството на Антиќ, Пејковска и на Гивенс го добиваме тоа што се случи.

Да, поразот е ужасно нешто, особено со висока разлика, но тоа не значи дека ние не знаеме да играме кошарка или дека ова е крајот на репрезентацијата. Девојките мора да останат со кренати глави и да продолжат да работат на самите себе за да потоа бидеме еден силен колектив кој на поинаков начин ќе се претстави низ Европа“, истакна селекторот Лазовски.

За нашите најдобри кошаркарки остануваат уште две средби од квалификацискиот циклус годинава, на 17. ноември дома против Шведска и на гости на 21. ноември кај Хрватска.