Блокотехна продолжува да „гази“ во Балканската лига, немоќен и бугарскиот Левски!

Македонскиот кошаркарски клуб доминира оваа сезона во БИБЛ кошаркарската лига…

Блокотехна останува на врвот во генералниот пласман, откако славеше и против бугарската екипа на Левски со 74:63.

Нашиот состав во Гевгелија одигра еден одличен меч и не му дозволи на својот противник да постигне голем број на поени. Водеше Блокотехна во најголемиот дел од средбата, разликата достигнуваше и плус 20.

Ривалите дадоа се од себе во второто полувреме да се вратат назад во игра, но најблиску што можеа е да дојдат до минус девет на четири минути до крајот на пресметката.

Супер расположениот Двејн Бенџамин ги запре сите налети на Бугарите, неговиот учинок беше 30 поени, следен од Антон Казарновски со 16.

Кај поразените единствениот со „двоцифрен“ биланс беше Џастон Кнокс со 19 поени. На табелата води Блокотехна со 17 бодови, пред Рилски Спортисти (15), Академик Бултекс и Левски Лукоил со по 10. Следуваат Башкими и Тирана со по девет, а последен е Ибар Розаје со осум бодови.

Следниот меч Блокотехна ќе го има повторно на домашен терен на 31. јануари со почеток од 18:30 часот против црногорскиот Ибар Розаје.