Блокотехна обезбеди учество на Ф4 турнирот во Балканската лига

Денеска македонскиот кошаркарски клуб дојде и до седмиот триумф во низа во БИБЛ лигата…

Блокотехна е првата екипа која оваа сезона обезбеди настап на Фајнл-фор турнирот во Балканската лига после победата дома над Ибар со резултат 90:79.

За гевгелискиот тим доминираше Данило Мијатовиќ со 26 поени и 10 скокови, следен од Стојан Ѓуроски со 22 поени и Седрик Боуен со 12 поени и седум скокови.

Кај црногорскиот претставник Герел Симонс забележа 34 поени и пет асистенции, додека по 12 поени запишаа Недим Фелек и Морис Џеферс.

На табелата води Блокотехна со 19 бодови, втор е Рилски Спортист од Бугарија со 17. Следува бугарскиот Академик Бултекс (12), по 11 имаат Левски (Бугарија), Башкими (Косово) и Тирана (Албанија), а на седмата позиција е Ибар Розаје со девет.

Според програмата својот следен дуел Блокотехна ќе го има повторно дома овојпат против Академик Бултекс на 7. февруари со почеток од 18:30 ч.

Фото: balkanleague.net