Антиќ и Црвена Звезда со лесна победа го отворија полуфиналето во АБА лигата! (ВИДЕО)

Кошаркарите на Црвена Звезда успешно го започнаа плеј-офот во АБА лигата…

Во салата „Александар Николиќ“, „црвено-белите“ со убедлив резултат 91:63 го совладаа црногорскиот состав на Морнар и со водство во оваа полуфинална серија ќе патуваат во Бар.

Во триумфот придонесе македонскиот интернационалец Перо Антиќ кој за скоро 12 и пол минути игра на паркетот забележа пет поени (1/2 од поле, 1/4 за три поени), додаде два скока и една асистенција.

Кај неговите тимски колеги доминираа Фелдејн со 23 поени (четири асистенции) и Бјелица со 17 поени, а на спротивната страна најрасположен беше Нидем со 16 поени (по четири скокови и асистенции, пет загубени топки).

Во вториот меч Будуќност (Црна Гора) исто така поведе пред своите гледачи славејќи минимално со 84:83 против хрватската екипа на Цедевита.