АБА: Минус 34 во „Јане Сандански“, Црвена Звезда пресилна за МЗТ Скопје! (ВИДЕО)

Во 17. коло од регионалната АБА кошаркарска лига составот на МЗТ Скопје доживеа нов висок пораз…

На домашен терен во СЦ „Јане Сандански“ македонскиот шампион беше совладан од Црвена Звезда со 58:92 (18:21, 7:19, 17:28, 16:24).

За „металците“ двоцифрени беа само Маслинко со 15 поени (пет скока) и Лалиќ со 11 поени, а на спротивната страна 23 поени запиша Добриќ, следен од Рочести со 13 поени (по четири скокови и асистенции).

Во редовите на српскиот тим не настапи нашиот интернационалец Перо Антиќ поради повреда, но дојде во главниот град да биде со своите соиграчи.

Тој веднаш по мечот им отпоздрави и на гледачите кои беа на трибините, како и фановите на „црвено-белите“ кои покрај Фемили за домаќините, исто така ја даваа поддршката за својата омилена екипа.

Остануваат уште пет натпревари до крајот на регуларниот дел од сезоната за момците предводени од Лукајиќ каде што ќе мораат да одат на победи ако сакаат да обезбедат опстанок.

И токму следните два меча се најголема шанса за такво нешто, најпрвин гостуваат во Србија кај Мега Бемакс на 30. јануари, па ќе го пречекаат на 3. февруари словенечкиот Петрол Олимпија.

На 11. февруари ќе имаат ново тешко гостување кај Будуќност, на 4. март „штрковите“ ќе ја пречекаат Цедевита, а завршуваат во Црна Гора кај Морнар Бар на 10. март 2018 год.

На табелата МЗТ е последен со 20 бодови, пред него се Мега Бемакс и Петрол Олимпија со по 22 на 10 и 11. позиција, а по 23 Игокеа и Цибона на осмото и деветтото место.


Фото: MZT Skopje Aerodrom/Dragan Mitreski