АБА: Четврти пораз во низа, МЗТ не ја освои ниту Љубљана! (ВИДЕО)

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром остануваат на една гостинска победа сезонава во АБА-лигата, откако вечерва, по голема борба, загубија на гостувањето кај Петрол Олимпија со 85:94.

Домаќинот постојано беше во водство, но избраниците на тренерот Александар Тодоров во неколку наврати со брза и прецизна игра правеја резултатски пресврт што им донесе надеж дека може да дојдат до посакуваните бодови во Љубљана.

Но, во финишот како да им снема енергија, па најмногу што направија беше само намалувањето на еден поен негатива (83-84). Домаќинот имаше повеќе среќа во тие моменти и на крајот се радуваше на значајниот триумф.

Доминик Мавра имаше одлично јадранско деби со 21 поени (пет тројки), Дамјан Стојановски постигна 14 поени додека Јуре Лалиќ и Никола Павличевиќ средбата ја завршија со 13 односно 12 поени.

Следен противник на македонскиот шампион е силниот црногорски тим Будуќност, кој ќе гостува во СЦ „Јане Сандански“ следната недела.

Претходно, задутре од 19:00 часот, „сино-белите“ ќе треба да ја одработат домашната задача, дома против Гостивар.