Прва лига: Охрид броеше до 113, а Блокотехна го „преслуша“ и Фени!

Се одиграа уште три натпревари од 11. коло во Првата македонска лига…

Куманово дојде до значаен триумф на гостувањето кај Гостивар со 84:89.

Најзаслужни во освојувањето на новите бодови беа Караџовски со 21 поен (по девет скокови и асистенции) и капитенот Јанески со 16 поени (шест скока, пет асистенции).

На спротивната страна Димчевски запиша 24 поени, еден помалку Тодоровиќ кој додаде уште осум скока, по четири асистенции, но и загубени топки.

Потоа, Охрид како домаќин во СРЦ „Билјанини Извори“ го декласираше Карпош Соколи со 113:58 на „крилјата“ на Глигоријевиќ со 20 поени (18 скока) и капитенот Донески со 17 поени. За „соколите“ доминираше Атанасос со 23 поени, следен од Најдовски со 12 поени (седум скока, четири украдени топки).

И во последниот дуел Блокотехна рутински го преслуша Фени Индустри (83:58). Во победничките редови најефикасен беше Казарновски со 20 поени (седум скока), Мијатовиќ со 17 поени и девет скока, а во кавадаречката екипа по 12 поени имаа капитенот Петровски (осум скокови, пет асистенции) и Магдевски (пет загубени топки).

На табелата води Работнички со максимални 22 бодови, Блокотехна има 20, по 18 Куманово и Гостивар, 17 има Фени Индустри, следуваат Карпош Соколи (16), МЗТ Скопје Аеродром и Охрид по 15, а Шкупи, Пелистер, Кожув и Струмица по 12.

Рундата треба да биде комплетирана со двете последни пресметки, Пелистер-МЗТ Скопје Аеродром и Шкупи-Кожув (24. декември, 18:00 часот).