Евролига: Овации за Антиќ, Фенербахче пресилен за Црвена Звезда! (ФОТО, ВИДЕО)

Како што и се најавуваше македонскиот кошаркар беше топло пречекан од навивачите на Фенербахче со кој имаше славни денови освојувајќи ја титулата во Евролигата.

Вечерва Перо Антиќ имаше нов настап за Црвена Звезда која беше рамноправна во Улкер Арената во текот на првото полувреме, но во второто немаше сили и тоа го искористија домаќините кои на крајот славеа со 82:56.

Нашиот играч уште пред самиот меч доби овации, аплаузи, навивачите на турскиот клуб го извикуваа неговото име, а воедно го доби и шампионскиот прстен.

Нашиот играч за скоро 15. минути на паркетот имаше шест поени (2/4 од поле, 0/2 за три поени, 2/2 од слободните фрлања), додаде еден скок, по една украдена и загубена топка.

Кај неговите тимски играчи најефикасен и единствено „двоцифрен“ беше Огњен Добриќ со 15 поени. За турската екипа Јан Весели забележа 15 поени и осум скока.

На тој начин беше прекината и серијата од три победи по ред на „црвено-белите“ кои моментно се на 11. позиција и во следното коло 21. декември ќе го пречекаат Панатинаикос.